Блиски исток

Двонеделен прекин на огнот, шанса за дипломатијата

08.04.2026 14:22

По долгата ноќ на исчекување поради морничавата закана на Трамп кон Иран, светот може да здивне – со посредство на Пакистан договорен двонеделен прекин на војната на Блискиот Исток и отворање на Ормускиот теснец. Шефот на Белата куќа дополнително го подгреа оптимизмот, оценувајќи го предлогот на Техеран од 10 точки како функционална основа за преговори. Разговорите почнуваат в петок во Исламабад. Меѓународната заедница повика да се почитува примирјето за да ѝ се даде шанса на дипломатијата.

Кратко пред истекот на ултимативниот рок од Вашингтон за Техеран, САД и Иран со посредство на Пакистан, постигнаа двонеделно примирје со отворање на Ормускиот теснец како клучен дел од договорот. Исламабад ја пофали мудроста на двете страни и ги повика на разговори в петок за конечен договор.

„Привременото примирје меѓу Иран, САД и „нивните сојузници“ стапува во сила веднаш. Примирјето важи насекаде, вклучително и во ЛибанДвете страни покажаа извонредна мудрост и разбирање и останаа конструктивно посветени на промовирање на мирот и стабилноста“, објави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.

Двете страни прогласија победа – САД велат дека ги исполниле целите, а Иран дека го наметнал својот план. Трамп најави „златно доба“ за регионот и порача дека Иран е подготвен за мир, додека Техеран потврди продолжување на преговорите и координација на бродскиот сообраќај за време на примирјето.

„Одличен ден за светскиот мир! Иран го сака, доста им е! И сите други го сакаат тоа! САД ќе помогнат со сообраќајот во Ормускиот теснец. Ќе има многу позитивни акции! Ќе има многу пари за заработка. Иран може да започне со обнова. Ќе се опремиме со сите потребни резерви и само ќе чекаме за да се осигураме дека сè ќе оди добро. Сигурен сум дека ќе биде така. Исто како што се случува овде во САД, ова може да биде златното доба на Блискиот Исток!!!“, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

„Беше одлучено преговорите да се одржат во Исламабад за да се финализираат деталите, така што во рок од максимум 15 дена, победата на Иран на бојното поле ќе се консолидира и преку политички преговориНашите раце се на чкрапалото и најмалата грешка од страна на непријателот ќе биде одговорена со полна сила. Иран постигна голема победа и ја принуди криминалната Америка да го прифати нејзиниот план од 10 точки“, соопшти водител на државната иранска телевизија ИРИБ.

Израел го поддржа договорот и ги прекина нападите врз Иран, но не и операциите против Хезболах во Либан. Меѓународната заедница го поздрави примирјето. Британскиот премиер Стармер патува во Заливот најавувајќи дека ќе направи се со партнерите да го одржи ова примирје и да го претвори во траен договор, а Ормускиот теснец повторно да биде отворен, Франција веќе се подготвува за одбранбена мисија, ЕУ, пак, изрзи подготвеност да помогне.

„Навистина преку преговори можеме да ги обезбедиме потребните безбедносни гаранции за стабилност во целиот регион. Иран ја објави својата подготвеност да го деблокира теснецот. Околу 15 земји во моментов се мобилизирани и учествуваат во планирањето под водство на Франција да се овозможи спроведување на одбранбена мисија што ќе биде координирана со Иран кога ќе се исполнат условите за слободен премин“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Договорот меѓу САД и Иран за прекин на огнот е чекор назад од работ на кризата по неколку недели ескалација. Тоа создава многу потребна шанса за ублажување на заканите, запирање на ракетите, рестартирање на бродовите и создавање простор за дипломатија кон траен договор“, објави Каја Калас, потпретседателка на Европската Комисија.

„Знак на вистинска надеж“-порака пристигна и од Ватикан.

„По овие последни часови на голема тензија за Блискиот Исток и за целиот свет, со задоволство и како знак на вистинска надеж го поздравувам објавувањето на итно примирје во траење од две недели. Само преку враќање на преговорите можеме да стигнеме до крајот на војната“, порача Папата Лав XIV.

И покрај примирјето, Иран испука ракети кон Израел и неколку земји од Персискиот Залив. Сепак, договорот го смири конфликтот, што веднаш доведе до пад на цените на нафтата и раст на берзите.

Бојана Крстевски