Турска инвестиција вредна три милиони евра влегува во Македонија
Директорот на „Мач Груп“, компанија од областа на земјоделството и прехранбената индустрија, Атај Мач, денеска во Анкара ја објави одлуката на својата компанија за реализација на инвестиција во Република Македонија...

Нова турска инвестиција влегува на македонскиот пазар. Директорот на „Мач Груп“, компанија од областа на земјоделството и прехранбената индустрија, Атај Мач, денеска во Анкара ја објави одлуката на својата компанија за реализација на инвестиција во Република Македонија. Ќе гради фабрика и откупен центар.
„Ги истражуваме условите за инвестирање во Македонија две години и донесовме заклучок дека тоа е најдоброто место за инвестирање во регионот. Имаме фабрики и капацитети во Турција и размислуваме за проширување на нашиот бизнис во Европа и истражувајќи во повеќе држави дојдовме до сознанието дека Македонија е најсоодветна. Гледаме огромен потенцијал во Македонија. Купивме земјиште и сега планираме да започнеме со изградба на фабрика во Скопје. За понатамошните планови најпрво сакаме да изградиме откупен центар во Скопје и откако ќе го завршиме планираме да инвестираме во земјоделие и во добро земјиште кое ќе ни донесе приноси“, изјави Атај Мач.
Инвестицијата која „Мач Груп“ ја планира е во општината Илинден и е во вредност од 3 милиони евра.
Претседателот на владата Никола Груевски со владината делегација ја продолжува работната и официјална посета на Република Турција. Попладне Груевски ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со премиерот Ахмет Давутоглу.
