Армијата ја тестира подготвеноста со вежбата „Блесок 26“
Од 19 до 27 април на армискиот полигон Kриволак и во три касарни во државава почнува вежбата „Блесок 26“, оценување на борбените способности на лесна пешадиска батаљонска група. Вежбата се одржува по три години од последното оценување на декларативната единица на НАТО операциите.

Вежбата „Блесок 26“ е врвен армиски приоритет за оваа година. Од 19 до 27 април, околу 1.500 припадници на Армијата ќе учествуваат на вежбата, која има за цел согледување на нивото на борбената подготвеност на лесната пешадиска батаљонска група, проверка на системот за командување и контрола, на логистичката подготвеност и извежбување на прифат на сили на НАТО кои транзитираат низ Македонија.
Оценувањето на лесната пешадиска баталјонска група ќе го прави национален тим, што ќе биде следено од НАТО монитори и од мултинационалните копнени сили.
Вежбата до 24 април ќе биде оценувана во мирновременски услови, а потоа во втората фаза на тактичка вежба на Криволак и во третата фаза оценувањето по НАТО стандарди.
На вежбата што ќе одвива на полигонот Криволак, ќе бидат користени лесни оклопни возила, хаубици „Боран“, минофрлачи, возила хаски, за откривање и уништување неексплодирани направи, беспилотни летала, со единици за воздушна, логистичка поддршка, за врски, воена полиција и од баталјонот за специјални намени.
Се очекува оваа лесна пешадиска баталјонска група на крајот да добие оценка подготвена за мисии.
Единицата која е модерно опремена е подготвена самостојно да дејствува во рамките на поголема операција на НАТО.
Ирина Гелевска
