Почна Саемот на книгата - над 65 издавачи и 150 настани
„Отвори прозорец кон нови светови“ мотото на 38. Саем на книгата. До 29 април во арената „Борис Трајковски“, читателите ќе имаат можност да купат книги со специјални попусти и да присуствуваат на промоции на нови изданија и средби со автори...

„Отвори прозорец кон нови светови“ мотото на 38. Саем на книгата. До 29 април во арената „Борис Трајковски“, читателите ќе имаат можност да купат книги со специјални попусти и да присуствуваат на промоции на нови изданија и средби со автори. Отворањето на Саемот на книга годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.
Седум саемски денови, повеќе од 130 промоции и средби со автори, а се очекува бројот на посетители да се искачи над 30.000, од кои околу 12.000 ученици.
Во последните години е зголемено присуството на младите, кои сè повеќе се враќаат кон хартиената форма на читање.
Од скромните почетоци во 1989 година до Арена „Борис Трајковски“ со над 65 издавачи и 150 настани, Саемот на книга е доказ дека читањето му пркоси на времето.
Физичката книга нуди нешто што екранот не може да го реплицира: концентрацијата и тишината. Читањето книга е еден од ретките чинови кој бара целосно присуство. Саемот, пак, го прави тој чин заедничко, социјално искуство. Тој е простор каде луѓето доаѓаат не само по книга, туку и по разговор, по инспирација, по чувство дека не се сами во нивната љубов кон читањето.
Саемот на книга ќе работи од 10 до 20 часот. Со секоја купена редовна влезница ќе бидат донирани средства на СОС Детско село.
Александра Спировска
