Блиски Исток

Примирјето меѓу Израел и Либан е продолжено за три недели, објави Трамп

24.04.2026 09:16

Американскиот претседател Трамп објави дека примирјето меѓу Израел и Либан е продолжено за три недели по разговорите во Белата куќа, но предупреди дека нема да брза со договор со Иран за завршување на војната...

Американскиот претседател Трамп објави дека примирјето меѓу Израел и Либан е продолжено за три недели по разговорите во Белата куќа, но предупреди дека нема да брза со договор со Иран за завршување на војната.

„Не сакам да брзам. Ако не сакаат договор, ќе завршиме воено. Тие се во превирања и не знаат кој ја води земјата. Затоа помисливме да им дадеме шанса“, изјави Доналд Трамп • претседател на САД.

Техеран ги отфрла тврдењата и порача дека приоритет во преговорите се крај на војната и заштита на националните интереси. Во меѓувреме, растат тензиите во Ормускиот теснец по наредбата на Трамп за напади врз ирански чамци и новата заплена на танкер, додека Иран обвинува за кршење на меѓународното право.

„Тврдењата дека Иран не може да донесе одлука се проекција. Главната тема е завршување на војната и обезбедување на нашите интереси. Блокадата и нападите врз бродови се кршење на меѓународното право. Ако нема добра волја од САД, како да има доверба за поширок договор?“, изјави Есмаил Багаи, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Во меѓувреме, Израел чека зелено светло од САД за можни нови операции во Иран, додека преговорите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат неизвесни.