Иран

САД со план за напад во Ормускиот теснец ако пропадне прекинот на огнот

24.04.2026 17:43

Блискиот Исток повторно зоврива – примирјето меѓу САД и Иран е ставено на тест додека Вашингтон подготвува сценарија за напади ако не се постигне договор. Во фокусот-Ормускиот теснец. Трамп веќе издаде наредба за напади врз ирански чамци што ја загрозуваат пловидбата. Техеран предупредува-приоритет е крај на војната, а не нуклеарните разговори. Ситуацијата е во фокус и на самитот на ЕУ. Лидерите повикаа на продолжување на примирјето и пошироки преговори – во спротивно, предупредуваат, Иран може да стане уште поопасен. Во меѓувреме, Израел и Либан го продолжија примирјето, но нападите не запираат.

САД развиваат планови за евентуални напади врз иранската одбрана во Ормускиот теснец доколку прекинот на огнот не успее. Трет американски носач на авиони е веќе во близина на Иран. Примирјето е под притисок, а тензиите растат по наредбата на Трамп за напади врз ирански чамци кои поставуваат мини и ја загрозуваат пловидбата. Запленет уште еден танкер поврзан со шверц на иранска нафта.Трамп порача дека нема да брза со договор.

„Не сакам да брзам. Ја уништив земјата воено во првите четири недели. Сега седиме да видиме каков договор ќе склучиме. Ако не сакаат, ќе го завршиме воено. Знаете кој е под временски притисок? Тие е во превирања, дури и не знаат кој ја води земјата. Затоа помисливме да им дадеме шанса да решат дел од нивните несогласувања“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Техеран ги отфрла овие тврдења и порача дека приоритет во преговорите повеќе не е нуклеарното прашање, туку крај на војната и заштита на националните интереси. Иран предупредува дека блокадата на пристаништата и нападите врз бродови се акт на агресија.

„Тврдењата дека Иран не може да донесе одлука се проекција. Главната тема е завршување на војната и обезбедување на нашите интереси. Блокадата и нападите врз бродови се кршење на меѓународното право. Ако нема добра волја од САД, како да има доверба за поширок договор?“, изјави Есмаил Бегаи -портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Во меѓувреме, Израел и Либан го продолжија примирјето за уште три недели. Но само неколку часа по објавата регистрирани се нови напади. Израел соопшти дека чека зелено светло од САД за нови операции против Иран.

„Израел е подготвен за продолжување на војната против Иран. Целите се обележани, чекаме зелено светло од САД за да ја завршиме елиминацијата на династијата Хаменеи. Овојпат ќе биде смртоносно, ќе нанесеме разорни удари уривајќи ги темелите на иранскиот терористички режим“, изјави Израел Кац – министер за одбрана на Израел.

Конфликтот-тема и на самитот на ЕУ лидерите во Кипар. Порачуваат дека примирјето мора да продолжи со пошироки разговори и нуклеарни експерти на маса, во спротивно Иран ќе стане поопасен. Повикаа на безусловно отворање на теснецот.

„Ормускиот теснец мора да биде отворен без услови, мора да го постигнеме тоа. Ако преговорите се само за нуклеарната програма без експерти на масата, тогаш ќе имаме послаб договор од претходниот. Ако не се решат проблемите во регионот, проектилите, поддршката на проиранските групи, хибридните и кибернапади во Европа, ќе имаме поопасен Иран“, изјави Каја Калас -висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

„Франција ќе ги преземе своите одговорности за повторното отворање на теснецот, а не преку целни блокади или други средства, тоа е целта на иницијативата што ја презедовме со Обединетото Кралство минатата недела“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

Останува неизвесно дали и кога ќе продолжат разговорите меѓу Вашингтон и Техеран. Иран условува со прекин на блокадата, а САД отворање на теснецот за меѓународен сообраќај.

 

Бојана Крстевски