Со концертот „Љубов“ ќе се отвори 66. издание на фестивалот „Охридско лето“
Гала-концерт со светски оперски имиња ќе го отвори 66-тото издание на „Охридско лето“. Богата програма со 48 настани, илјадници уметници, но и најави за нови инвестиции и гледалишта на Самуиловата тврдина.

Гала концертот насловен „Љубов“ со светски оперски имиња ќе го отвори 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Во текот на фестивалските денови предвидени се 48 настани, со учество на илјадници уметници од земјава и странство. Публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма составена од врвни музички, драмски и балетски остварувања, како и четири џез вечери со учество на реномирани музичари.
„Особена чест ни е што ова Свечено отворање го доверуваме на уметници од врвот на светската оперска елита. Под диригентската палка на маестро Марко Боеми од Италија, со настап на големата оперска дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од Соединетите Американски Држави, во придружба на Оркестарот на Националната опера, ќе ја почувствуваме моќта на музиката во нејзината највозвишена форма“, истакна директорот на фестивалот „Охридско лето“ Ѓорѓи Цувковски.
На Самуиловата тврдина започнува изградба на две нови гледалишта за изведување претстави. Сцени кои, ќе ја збогатат понудата на Охрид и „Охридско лето“.
„Со тоа ќе ја возобновиме традицијата за одржување на театарски претстави, концерти и други културни настани и тука се содржи нејзината самоодржлива компонента. Како што најавив ова ќе биде една од сцените што ќе може да ја користи Охридско лето. Ова пред 20 година се случувале овде театарски претстави каде и јас сум учествувал“, рече министер за култура и туризам Зоран Љутков.
Министерството за култура годинава обезбеди средства и за уредување на Самуиловата тврдина, со патеки, информативни табли и илуминација, како и археолошки истражувања.
Соња Рилковска
