50 години музичко творештво

Јубилеен концерт на Кокан Димушевски во Софија

27.04.2026 10:17

Со свечен концерт во Софија, македонскиот композитор и мултиинструменталист Никола (Кокан) Димушевски ќе одбележи 50 години професионална кариера, претставувајќи го и своето најново дело „The Back of Beyond“.

По повод значајниот јубилеј – 50 години професионална музичка кариера, еден од највлијателните македонски автори, композитори и аранжери, Кокан Димушевски, вечерва (27 април) со почеток од 18:30 часот ќе одржи свечен концерт во Македонски културно-информативен центар во Софија.

Концертот, насловен „The Back of Beyond“ („Зад грбот на Бог“), ќе понуди ретроспектива на неговото богато творештво, но и современ музички израз инспириран од делата создадени за време на пандемијата со COVID-19. Настанот ќе ја отслика неговата уметничка еволуција и уникатниот спој на традиционални и модерни музички елементи.

Димушевски, роден во Скопје во 1958 година, е еден од основачите на легендарната група Леб и Сол, со која остави длабока трага на регионалната музичка сцена. Во текот на кариерата има реализирано десетици албуми и стотици композиции, како и музика за театар, филм и медиуми.

Со над 2.000 концерти ширум светот и соработка со реномирани музички имиња и институции, неговото име се вбројува меѓу најпрепознатливите македонски уметници на меѓународната сцена. Неговиот творечки опус опфаќа повеќе жанрови – од џез-рок и електронска музика, до симфониски и духовни форми.

Јубилејниот концерт во Софија претставува симболичен пресек на пет децении творештво, но и потврда за континуираната уметничка релевантност на автор кој и понатаму ја обликува музичката сцена.