Култура

Синдикатот на културата денес на протест пред Уставен Суд

28.04.2026 10:11

Протестот е најавен под пораките „Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не се понижуваат“, а во јавниот повик се користи и мотото „Кога гасите уметници – го гасите светлото“...

Културните работници денес во 13 часот ќе протестираат пред Уставниот суд, во организација на Синдикатот на културата на Република Македонија, поради загриженоста дека постапката поврзана со Колективниот договор во културата може да удри врз веќе стекнатите работнички права и врз целото колективно договарање во секторот.

Протестот е најавен под пораките „Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не се понижуваат“, а во јавниот повик се користи и мотото „Кога гасите уметници – го гасите светлото“. Синдикатот повикува на масовно присуство на уметници, културни работници и граѓани кои сметаат дека културата не смее да се третира како трошок што лесно се брише.

Новиот собир доаѓа по претходниот протест пред Министерството за култура и туризам, одржан на 16 април, кога културните работници ги повторија барањата за почитување на Колективниот договор и за продолжување на преговорите со надлежните институции. Иако тогаш беа најавени чекори за откочување на разговорите, синдикалните реакции покажуваат дека довербата останува ниска.

Во фокусот на протестот е стравот дека евентуално уривање или слабеење на Колективниот договор во културата би имало поширок домино ефект, не само врз платите во културните установи, туку и врз начинот на кој државата ги признава договорените права на работниците.