Театар

Драмски театар со две претстави на Фестивалот на монодрама во Битола

28.04.2026 13:00

Драмски театар Скопје вечерва и утре ќе настапи на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола со претставите „Драми на принцезите – Џеки“ и „Гидионовиот јазол“. Фестивалот, што се одржува под мотото „Огледало на вистината“, обединува 13 монодрами од 10 земји и ја става Битола на мапата на светската театарска сцена.

Драмски театар Скопје вечерва и утре гостува на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола. Под мотото „Огледало на вистината“ од 23 до 29 април, фестивалската Битола повторно е на мапата на светска театарска сцена каде што „Еден актер. Една сцена. Една вистина.“ се доволни да се создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации.

Вечерва во официјалната фестивалска програма се игра „Драми на принцезите  - Џеки“ на Драмски театар Скопје. Претставата е монодрама на режисерката Жива Бизовичар од Словенија, работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја добива Нобеловата награда за литература.

На утрешното свечено затворање и доделувањето на наградите и наградата гран при на фестивалот, ревијално ќе се игра претставата  „Гидионовиот јазол“. Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што веќе трета деценија го следи фестивалот кој годинава се реализира под слоганот „Огледало на вистината. Еден актер. Една сцена. Една вистина.“

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска.

Улогите ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.