Охридското Езеро целосно заштитено до 2017-та

19.09.2014 10:35

Охридскиот регион ќе доживува натамошен развој на економијата, посебно на туризмот. Со целосната заштита на езерото и од албанска страна под капата на УНЕСКО, ќе се воведат нови стандарди во управувањето на оваа најголема водна површина. Тоа пак ќе значи полесен пристап до Европските фондови за заштита на природното и на културното богатство...

До 2017-тата година ќе се затвори заштитниот прстен околу Охридското Езеро и целата негова околина. До тогаш се очекува да заврши проектот со кој и албанскиот дел на езерото и културното наследство ќе бидат ставени на списокот на УНЕСКО, што наложува поинакви стандарди кога се работи за грижата кон природното и култорното богатство. Заедно со проектот за рехабилитација на колекторскиот систем, Дримскиот проект и Биосферниот резерват, тоа ќе овозможи развој на туризмот и на економијата.

„Македонското искуство ќе се користи целокупно при изработката на номинацијата и со самиот чин на ставање под заштита на УНЕСКО следуваат и обврски на албанската страна кои што обврски ќе треба да ги исполнат согласно конвенцијата за заштита на природното и културното наследство“, вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско Езеро.

Културното наследство на албанската страна не е толку богато, но и во тој дел тие ќе ја имаат подршката од македонските експерти.

„Секако тоа е добро за прекугранична соработка, учество во разни проекти и донаторски конференции за привлекување на средства за реконструкција, конзервација и ревитализација на културното наследство на двете страни“, изјави Горан Патчев, Завод и музеј- Охрид.

Номинацијата на албанскиот дел од езерото се совпаѓа со 35 годишниот јубилеј од ставањето на Охридското Езеро на списокот на УНЕСКО, а по овој чин се очекува и двете држави со заеднички сили да се грижат за неговата заштита.

 

Сашо Нелоски