Статистика

Извозот пораснал за 3,6% во првиот квартал, увозот зголемен за 0,5%

05.05.2026 15:17

Државниот завод за статистика објави дека извозот во првите три месеци од годинава достигнал речиси 2 милијарди евра, со умерен раст во однос на лани.

Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во првиот квартал годинава изнесува 1,998 милијарди евра и бележи пораст од 3,6 проценти во однос на истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Истовремено, вредноста на увезената стока во периодот јануари – март достигнала 2,788 милијарди евра, што претставува зголемување од 0,5 проценти на годишно ниво.

Според обемот на надворешнотрговската размена, најголеми трговски партнери на земјава се Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, со учество од речиси половина од вкупната размена. Земјите членки на Европска Унија учествуваат со 58,6 проценти.

Во структурата на извозот доминираат катализатори со благородни метали, сетови на проводници за возила и делови за седишта, додека во увозот најзастапени се платина и нејзините легури, други метали од платинската група, нафтени деривати и моторни возила за превоз на патници.