МВР

Кривични пријави за стрелачки клуб од Прилеп, одземени околу 80 парчиња оружје

07.05.2026 15:23

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против стрелачко друштво од Прилеп, неговиот управител и ракувачот со оружје поради сомнение за нелегално поседување и продажба на оружје. Во акцијата биле одземени околу 70 малокалибарски пушки, 10 пиштоли и поголема количина пневматско оружје.

ОВР Прилеп, во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, поднесе кривична пријава против стрелачки клуб од Прилеп, неговиот управител К.Ч.(43) и ракувачот со оружје Т.Д.(73), поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Како што соопшти МВР, при увид извршен од 26 до 29 јануари годинава, по наредба на јавен обвинител, во просториите на стрелачкиот клуб биле пронајдени пет малокалибарски пушки за кои немало соодветна дозвола.

Според истрагата, управителот и ракувачот со оружје, како членови на управниот одбор, продавале огнено оружје во сопственост на клубот на лица кои немале дозвола за поседување оружје.

Во рамки на акцијата на 6 мај, од стрелачкиот клуб биле одземени околу 70 малокалибарски пушки, 10 малокалибарски пиштоли и поголема количина пневматско оружје, со цел поведување управна постапка пред надлежен орган.