Македонија

Собранието го усвои Законот за Советот на јавните обвинители

07.05.2026 14:28

Собранието со 64 гласа „за“ го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, кој е дел од Реформската агенда и има цел да ја зајакне независноста, професионалноста и транспарентноста во работата на обвинителството.

Собранието го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија со 64 гласа „за“, 15 „против“ и без воздржани.

Законот е дел од Реформската агенда и предвидува повеќе новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работата на Советот на јавните обвинители и на Јавното обвинителство.

Со новото законско решение се реформира постапката за избор на членови на Советот, при што се воведуваат јасни и транспарентни критериуми за избор, со акцент на стручноста, искуството и интегритетот на кандидатите.

Предвидена е и обврска за целосно и аргументирано образложение на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите, како и доследна примена на мерит-системот.

Законот предвидува и поголема транспарентност преку јавно одржување на седниците, објавување на одлуките и извештаите, како и директни преноси и информирање на јавноста.

Дополнително, се воведува двостепеност во дисциплинските постапки, со можност за судска заштита против одлуките на Советот, што, според предлагачите, е во согласност со препораките на Европската комисија.

Со законските измени се зајакнува и улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, при што Советот ќе може да поднесе иницијатива за негово разрешување до Собранието.