Стојанче Јовановски доби 12 годишна казна затвор
12 години затвор за Стојанче Јовановски. Кривичниот суд изрече пресуда за трагедијата во скопско Тафталиџе. Јовановски, е обвинет за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, и помагање на самоубиство на сопругата Ивана и нивната шестгодишна ќерка Катја. До правосилност на пресудата останува во притвор.

Максимална затворска казна од 12 години доби Стојанче Јовановски за сите три кривични дела – за телесна повреда, загрозување на сигурноста и за наведување на самоубиство на сопругата Ивана, чиј живот трагично згасна на 2 март со пад од балкон од висококатница во Тафталиџе, заедно со шестгодишната ќерка Катја.
„За сите три кривични дела утврдена е максимална казна па си примена на правилата за одмерување на казната а делата сторени содржани во член 44 од кого осудува на единствена казна затвор во траење од 12 години“, изјави Ивица Стефановски – судија.
Ова е прв случај во македонското правосудство да се суди за кривично дело наведување на самоубиство, дело кое според Обвинителството треба подетално да се анализира од правничката фела. Бидејќи казнената политика не е во корелација и не соодветствува на тешката последица како што е во конкретниот случај – загуба на човечки живот.
„Прв пат имаме случај на проширено самоубиство, не само самоубиство. И сметам дека тоа би требало да биде предмет на една поширока анализа од страна на правните експерти и изготвувачи на закон во насока на построга казнена политика и подобрување на казнената политика, бидејќи не може за едно семејно насилство каде што има телесна повреда да е предвидена казна затвор до пет години, а каде што имаме смртна последица исто така да е предвидена казна затвор од пет години.“, изјави Адела Бојчевиќ – обвинителка.
Овој случај треба да биде порака дека семејното насилство нема да се толерира – вели одбраната на семејството.
„Сметам дека ова е голем чекор што треба во иднина да се следи затоа што во случај на самоубиство понатаму државните институции треба да истражат дали било поради долготрајно семејно насилство како што беше во конкретниов случај“, изјави Неда Чаловска – адвокатка.
Според судот, Стојанче Јовановски со континуираното физичко и вербално насилство ја довел сопругата во безизлезна состојба, тоа било причината таа да посегне по својот и животот на својата ќерка.
Со овој случај – во македонското правосудство за првпат е изречена затворска казна за наведување на самоубиство, како последица на претрпено семејно насилство.
Андријана Ѓурческа
