СЗО: Ова е сериозна болест, но не е следниот ковид
Според СЗО, хантавирусот обично се шири со вдишување на контаминиран измет од глодари и може да се шири од човек на човек, иако тоа е многу ретко.

Епидемијата на хантавирус не е следната пандемија на Ковид-19, смируваат од Светската здравствена организација.
Две лица во сериозна и едно лице во стабилна состојба кои беа евакуирани од крузерот поради потврдена појава на смртоносниот вирус, пристигнаа во Холандија на лекување. Во меѓувреме, холандските медиуми објавија дека стјуардеса е примена во болница во Амстердам со симптоми на хантавирус. Наводно, стјуардесата била во контакт со патничка од крузерот која починала од вирусот во Јоханесбург.
Според СЗО, хантавирусот обично се шири со вдишување на контаминиран измет од глодари и може да се шири од човек на човек, иако тоа е многу ретко.
ЕУ ги следи случувањата со хантавирусот и е подготвена да реагира доколку е потребно.
„Ризикот за пошироката јавност е низок. Луѓето мислат дека ова е следниот ковид, но навистина сакам да ги уверам дека ова е нешто сосема различно. Ова не е следниот ковид. Но, е сериозна болест и ако се заразат, може да умрат“, изјави Марија Ван Керхове, епидемиолог на СЗО.
„Ја следиме ситуацијата навистина многу, многу внимателно и се обидуваме темелно да го процениме секој можен потенцијален ризик за граѓаните во Европа“, рече Ева Хрнчирова, портпаролка на Европската комисија.
