Програмскиот совет на МРТ го поништи конкурсот за заменик-директор, ќе следи нов оглас

08.05.2026 13:20

Програмскиот совет на ЈРП Македонска радио-телевизија, на својата 41. седница, донесе одлука за поништување на јавниот конкурс за избор на заменик-директор на МРТ, објавен на 24.03.2026 година.

Постапката за избор беше спроведена во целост согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Статутот на МРТ, при што беа обезбедени услови за транспарентност, еднаков третман на сите кандидати и објективно вреднување на нивните програми.

Во рамки на постапката беа разгледани пријавите на вкупно 11 кандидати. Согласно утврдената процедура, програмите за работа беа оценувани по принцип на шифри, без увид во идентитетот на кандидатите, со цел да се гарантира непристрасност во одлучувањето. Една од кандидатурите не беше разгледана, со оглед дека беше адресирана за Конкурс за избор на заменик-директор на МРТ, а на програмата беше назначено дека се однесува за избор на директор на МРТ.

По спроведеното гласање, ниту една од програмите не доби мнозинство гласови од вкупниот број членови на Програмскиот совет, што претставува услов за избор. Во согласност со Статутот, беше спроведено и повторено гласање за двете програми со најголем број гласови, но и во оваа фаза не беше обезбедено потребното мнозинство.

Имајќи го предвид наведеното, Програмскиот совет утврди дека не се исполнети условите за избор на заменик-директор, поради што донесе одлука за поништување на конкурсот.

Во рок од 30 дена ќе биде распишан нов јавен конкурс за избор на заменик-директор на МРТ.

Програмскиот совет останува посветен на спроведување на законска, транспарентна и кредибилна постапка, со цел избор на најсоодветен кандидат кој ќе придонесе за унапредување на работата на МРТ, во интерес на јавноста.