Бугарија доби нова влада, ја предводи Румен Радев
Избравме докажани професионалци што ќе ја завршат работата – враќање на стабилноста на државата, спроведување на реформите, справување со инфлацијата, растечките цени, буџетскиот дефицит, нов врховен судски совет. Ова се ветувањата до бугарските граѓани од новиот премиер, Румен Радев. Поранешниот претседател и пилот ќе ја предводи 107 влада на нашиот источен сосед. Парламентот во Софија го избра со 124 гласови „за“...

Бугарија избра нова редовна влада предводена од Румен Радев, поранешен претседател на државата и лидер на „Прогресивна Бугарија“. Народното собрание го избра кабинетот со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 „воздржани“, со што земјата влегува во нов политички циклус по години изборна нестабилност, краткотрајни влади и исцрпувачки парламентарни блокади. Радев најави стабилност, пониски цени и побрзи исплати од европскиот план за раст.
„Уште во понеделник ќе предложам нови законски проекти за најзначајното прашање за бугарските граѓани-галопирачките цени. Очекувам целосна дебата и брзи решенија, бидејќи луѓето очекуваат соодветни мерки од нас. Во понеделеник ќе го доставиме нашиот предлог за промена и на законот за имотно-правна управа. Прво мора да го промениме законот, а потоа да ја почнеме постапката за избор и на нов врховен судски совет и инспекторат“, изјави Румен Радев, премиер на Бугарија.
Новата влада во Бугарија мора да започне со работа со брзи и решителни акции и реални резултати. Ова го изјави претседателката Јотова откако кабинетот на Радев положи заклетва пред пратениците.
„Ова се најважните приоритети со кои се соочуваат Бугарија и бугарските граѓани. Ќе започне со буџетот за 2026 година, а најважното нешто што го слушнав е дека веќе во понеделник ќе биде поднесен пакет закони за намалување на цените, ограничување на инфлацијата и првиот закон за реформа на судскиот систем“, изјави Илијана Јотова, претседател на Република Бугарија.
Новиот кабинет е структуриран со четворица вицепремиери и 18 министерства. Министерка за надворешни работи е Велислава Петрова-Чамова.
„Претставен е кабинет од компетентна екипа која има докажан професионализам. Сите лица се експерти со реален капацитет за секторите кои им се доверуваат“, изјави Константин Проданов- „Прогресивна Бугарија“.
„Ние ќе бидеме најстрогиот коректив доколку скршнете од правиот пат, но ќе добиете и поддршка за слободна и европска бугарија“, изјави Јордан Иванов-„Демокфратска Бугарија“.
Во владината структура се предвидува и преструктурирање на ресори, особено во делот на економијата, индустријата, иновациите и дигиталната трансформација.
Катерина Бојаџиева
