Институтот за јавно здравје

ИЈЗ: Нема ризик за Македонија од хантавирусот

08.05.2026 17:16

Нема ризик за Македонија од смртоносниот хантавирус. Од ИЈЗ велат дека во моментов нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со нашата земја, ниту индикации за ризик по јавното здравје кај нас

Нема опасност од пренос и ширење на хантавирусот во земјава – смирува Институтот за јавно здравје, откако овој смртоносен вирус се појави на крузер на патување низ јужниот дел на Атлантскиот Океан. На крузерот немало македонски граѓани кои патувале или биле дел од екипажот.

„Нема простор за паника не постои опасност ниту ризик во моментов за македонските граѓани што е најважно во овој момент. Секторот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје на дневна основа е во комуникација со СЗО и европскиот центар за контрола на болести, на дневна основа ги добива сите податоци кои ни се потребни за преземање активности доколку има потреба“, изјави Марија Андоновска – директорка на ИЈЗ.

Во земјава има кадар, опрема и реагенси за детекција на хантавирусот, кој за првпат во земјава е регистриран пред 10-тина години. Оттогаш се заразени 32-ца граѓани, а тројца починале. Епидемија имало во 2018-та на бачило во гостиварско.

„Овој кој веќе сме го имале во Македонија се пренесува само од глодар на човек, не се пренесува од човек на човек и симптоматологијата му е различна од оној кој во моментов е детектиран на крузерот. Овој вториот кој сега го има таму, во Македонија не сме имале таков случај“, изјави Марија Андоновска – директорка на ИЈЗ.

Од хантавирусот на крузерот „Хондус“ заразени се осуммина патници, меѓу нив има и три смртни случаи. Меѓународните здравствени институции работат на утврдување на изворот на инфекцијата.

Хантавирусот се пренесува преку глодари. Луѓето најчесто се заразуваат кога вдишуваат честички од измет, урина или секрет од заразен глодар. Но, и преку директен контакт со контаминирана површина.

Андријана Ѓурческа