Политички тензии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Тензии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу уставните измени и европскиот пат на државата. Филипче обвинува за изолација, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека СДСМ е подготвена на штетни отстапки …

Политичките тензии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повторно се интензивираа, откако разменија остри обвинувања за уставните измени, македонскиот идентитет и европската интеграција на државата. Од ВМРО-ДПМНЕ упатија жестоки критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека е подготвен да прифати уставни измени без гаранции од европската унија и дека, како што велат, „коленичи пред бугарските барања“. Од друга страна, првиот човек на СДСМ, Филипче, обвини дека власта предводена од Мицкоски свесно ја турка државата во изолација со цел кочење на европскиот пат.
Ние немаме работа со Бугарија, туку со Европа и треба да исполниме европски барања и договори што ги изгласале земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија. Ова го изјави лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи ја власта за неспроведување на уставните измени и за блокада на европскиот пат на Македонија. Опозицискиот лидер го обвини премиерот дека цело време зборувал невистини.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Филипче е подготвен да ги исполни бугарските барања на штета на Македонија. Ставовите на новиот премиер на Бугарија, Румен Радев кон Македонија, се добро познати, дека Бугарија нема да отстапи од своите позиции, ниту пак да се повлече од условувањата кон Македонија. Напротив, очигледно е дека официјална Софија ќе продолжи со притисоци и блокади во нивна корист.
Што се однесува до македонскиот јазик, пред неколку години имаше декларација во бугарскиот парламент за негово непризнавање. Затоа, се усвои Францускиот предлог во кој јасно стои дека македонскиот јазик го признаваат сите земји членки на Европската Унија.
Откажување и тргување со националните прашања нема, велат од владејачката партија, наспроти слабостите од опозицијата кои немаат проблем со тоа, заради лични и финансиски интереси.
Борис Грујоски
