БЛИСКИ ИСТОК

Трамп го отфрли одговорот на Иран за мировниот предлог

11.05.2026 19:14

Трамп го отфрли одговорот на Иран за мировниот предлог – вели целосно е неприфатлив. Техеран побарал воени отштети, целосен суверенитет над Ормускиот теснец и укинување на санкциите. Во исто време Израел тврди дека војната не е завршена. Во екот на блокадите и тензиите во регионот, Франција негира воено распоредување на Блискиот Исток...

Шефот на Белата куќа го отфрли одговорот на Иран на предлогот на САД за прекин на војната. Понуденото од Вашингтон се однесуваше на договор за завршување на војната, повторно отворање на Ормускиот теснец и укинување на нуклеарната програма.

„Тукушто го прочитав одговорот од таканаречените „претставници“ на Иран. Не ми се допаѓа – ТОТАЛНО НЕПРИФАТЛИВО!“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп

Имено, Иран ја отфрлил можноста за демонтирање на нуклеарните постројки и побарал гаранции за ураниумот доколку преговорите пропаднат, во исто време бара и воени отштети, целосен суверенитет над Ормускиот Теснец и укинување на санкциите. Од иранското МНР велат дека ги штитат националните интереси, а нивниот одговор бил дарежлива и одговорна понуда.

„Секогаш кога ќе сметаме дека е соодветно, ќе го користиме оружјето на дипломатијата за да ги исполниме интересите на иранската нација, не ни е грижа за задоволството на другите. Дипломатските трендови имаат свои правила“, изјави Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.

Претходно од администрацијата на Вашингтон истакнаа дека шефот на Белата Куќа и дава предност на дипломатијата.

„И кога медијаторите во овој случај, Пакистан, ќе нè замолат, да им дадеме на овие преговори уште една шанса пред да се вратиме на бомбардирањето, тогаш мислам дека тоа е сосема соодветен избор за претседателот Трамп. Тој и ја дава на дипломатијата секоја можна шанса пред да се вратиме на непријателствата“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во ООН.

Војната не е завршена, има нуклеарен материјал што треба да се отстрани од Иран – изјави израелскиот премиер.

„Мислам дека постигнавме многу, но не е завршено бидејќи сè уште има нуклеарен материјал, вклучително и ураниум, кој мора да се изнесе од Иран. Сè уште има објекти за збогатување кои мора да се демонтираат. Сè уште има посредници што Иран ги поддржува, балистички ракети што сè уште сакаат да ги произведуваат“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во исто време, Франција негира воено распоредување во Ормускиот теснец. Иран вчера се закани со решителен одговор во случај на распоредување на француски и британски поморски сили во протокот, откако Париз и Лондон објавија испраќање воени бродови во регионот.

 

Маријана Димовска