Примирјето меѓу САД и Иран „виси на конец“
Примирјето меѓу САД и Иран се одржува во живот, но се намалуваат надежите за мировен договор. Техеран го отфрли предлогот на Вашингтон за крај на војната и постави свои барања за кои Трамп вели дека се неприфатливи. САД воведоа нови санкции за поединци и компании за кои тврди дека и помагаат на Исламската република да испорача нафта во Пекинг.

Се намалуваат надежите за мировен договор на Блискиот Исток. Американскиот претседател вели дека прекинот на огнот со Иран се одржува во живот откако Техеран го отфрли предлогот на САД за крај на војната и се држеше до листата барања за кои Трамп рече дека се неприфатливи. Имено, Исламската Република бара прекин на војната на сите фронтови, вклучително и Либан, целосен суверенитет над Ормускиот теснец, оштета и крај на американската поморска блокада.
„Имаме најголема војска во светот. Ја изградив во голема мера во мојот прв мандат и не знаев дека ќе ја користам толку многу во мојот втор мандат. Но, многу едноставно, кога ќе прашаат: Дали тој има план? Да, имам план. Планот е многу едноставен. Знаете, во војна мора да се менувате. Мора да бидете флексибилни. Но, планот е дека не можат да имаат нуклеарно оружје. И тие не го кажаа тоа во нивното писмо“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Вашингтон воведе нови санкции за поединци и компании за кои тврди дека му помагаат на Техеран да испорача нафта во Пекинг. Ги предупредија банките за обидите за избегнување на ограничувањата. Во екот на подготовките за Светското првенство, Иран бара членовите на тимот кои служеле во Револуционерната гарда да добијат визи без предуслови.
„Објавивме 10 услови до ФИФА дека ако нашиот тим се приклучи, мора да ги прифатите овие 10 услови. Работи како на пример, ако давате визи, пред сè, мора да дадете визи на сите, особено на оние кои служеле во корпусот на Иранската револуционерна гарда“, изјави Мехди Таџ, претседател на Фудбалската федерација на Иран.
Од друга страна, Европската Унија постигна едногласен договор за воведување нови санкции врз лидерите на Хамас и израелските доселеници на Западниот Брег.
„Во Газа, хуманитарната ситуација останува катастрофална. Секако, разговорите се заглавени меѓу Израел и Хамас, а тие одбиваат да се откажат од своето оружје, а тоа ги зголемува шансите за нова војна. Но, исто така, видовме пораст на насилството на доселениците на Западниот Брег. Постигнавме политички договор за санкционирање на израелските екстремистички доселеници и субјекти. Ова оди заедно со нови санкции врз водечките личности на Хамас“, изјави Каја Калас, висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Кнесетот донесе закон за формирање специјален воен трибунал за судење на Палестинците обвинети за злосторства за време на нападите од 7 октомври 2023 година во кои загинаа над 1.200 луѓе. Трибуналот ќе може да ги гони напаѓачите за геноцид, злосторства против еврејскиот народ, човештвото и воени злосторства. Казнениот законик на Израел вклучува смртна казна за некои од обвиненијата.
Маријана Димовска
