Во Пекинг средба Трамп – Си Џинпинг, во фокусот трговијата и Иран
Вниманието на светот насочува кон Пекинг, каде што американскиот претседател Трамп треба да се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг. Шефот на Белата куќа ќе бара поддршка за едно од најчувствителните прашања во моментот - Иран и затворањето на Ормускиот теснец. Сепак, не се големи очекувањата дека Пекинг ќе направи драматичен пресврт на политиката кон Иран.

Во време на зголемени геополитички тензии поврзани со војната во Иран и нарушувањата во Ормускиот теснец, американскиот претседател Трамп во Пекинг на разговори со кинескиот лидер Џјинпинг. Средбата доаѓа по неколкунеделни обиди Вашингтон да обезбеди поголем кинески притисок врз Техеран за завршување на војната, како и за стабилизирање на трговските односи меѓу двете најголеми економии во светот. На агендата се и Тајван и глобалната безбедност. Трамп вели дека главниот фокус ќе бидат економските договори, но потврди дека ќе се разговара и за Иран, при што ја минимизираше потребата од кинеска помош.
„Не мислам дека ни треба помош со Иран. Ќе победиме на еден или друг начин“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп,
Посетата се случува во момент кога тензиите околу Блискиот Исток влијаат врз глобалните пазари и ја зголемуваат цената на енергијата. Кина е еден од клучните увозници на иранска нафта, што дополнително ја зголемува тежината на разговорите. Во Техеран, граѓаните велат дека економската криза станува сè потешка.
„За жал, економската состојба е исклучително лоша. Луѓето не можат да продолжат со животот како што треба. Купуваме само она што е неопходно“, вели Мохамед Делџу, таксист.
„Едвај има пари за заработка, живееме ден за ден, обидувајќи се да ја надминеме оваа ситуација“, рече Али Асгар Нахардани, доставувач.
Во исто време, САД разгледуваат можност евентуалните нови воени операции против Иран да се водат под ново име – „Операција Чекан“, доколку пропадне кревкото примирје. Прекинот на огнот и натаму е во сила, додаваат од Вашингтон, додека тврдат дека САД ја имаат контролата врз Ормускиот теснец.
„Знаеме дека прекинот на огнот е во сила и дека Иран нема да има нуклеарно оружје — на еден или друг начин. САД, де факто го контролираат Ормускиот теснец и ништо нема да помине без наша дозвола“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Катар соопшти дека не ја поддржува обновата на војната и повика на засилена дипломатија.
„Не ја поддржуваме обновата на војната. Треба да ја фокусираме нашата поддршка на напорите на Пакистанците за решавање на ова прашање и да се обидеме да ја завршиме војната што е можно поскоро“, истакна Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, премиер на Катар.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат високи, со размена на пораки околу нуклеарната програма и можни нови воени сценарија, додека војната против Иран досега ги чини САД 29 милијарди долари.
Бојана Крстевски
