САД и Кина со нова рунда разговори за Иран и економијата
Среде растечките тензии околу Иран и Ормускиот теснец, фокусот на меѓународната заедница се префрла кон Кина. Трамп пристигна во Пекинг на разговори со кинескиот колега Џјинпинг. Во фокусот – трговските односи, глобалната безбедност и кризата на Блискиот Исток, додека Вашингтон бара поголем притисок врз Техеран. Во меѓувреме, растот на цените на енергијата ги мобилизира и европските лидери, а жителите на Техеран предупредуваат дека економската состојба станува сè потешка.

Американскиот претседател Трамп пристигна во Пекинг на разговори со кинескиот колега Џинпинг, во време на зголемени тензии околу Иран и Ормускиот теснец. Во фокусот, трговските односи, Тајван и глобалната безбедност, како и кризата на Блискиот Исток. Трамп потврди дека ќе се разговара за Иран, но ја минимизираше потребата од кинеска помош.
„Не мислам дека ни треба помош со Иран. Ќе победиме на еден или друг начин“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.
Пекинг порача дека посетата треба да придонесе за стабилност и соработка меѓу двете сили. Кина останува еден од најголемите увозници на иранска нафта.
„Кина е подготвена да соработува со САД, одржувајќи го духот на еднаквост, меѓусебно почитување и заемна корист, за проширување на соработката и управување со разликите“, изјави Гуо Џиакун-портпарол на кинеското МНР.
Средбата доаѓа по обидите на Вашингтон да обезбеди поголем кинески притисок врз Техеран за запирање на војната, додека неизвесноста околу Ормускиот теснец продолжува да ги погодува глобалните пазари и цените на енергијата. Европските министри за енергетика на вонреден состанок во Никозија, во фокусот-заштитата на економијата и стабилното снабдување со енергија.
„Целта ни е да испорачаме отпорен енергетски систем способен да издржи надворешни шокови, а воедно да обезбедиме енергијата да остане прифатлива“, изјави Мајкл Дамијанос – министер за енергетика на Кипар.
Во Техеран, граѓаните велат дека економската криза станува сè потешка.
„Луѓето не можат да продолжат со животот како што треба. Купуваме само она што е неопходно.“, изјави Мохамед Делџу-таксист.
„Едвај има пари за заработка, живееме ден за ден“, изјави Али Асгар Нахардани-доставувач.
Во меѓувреме, САД разгледуваат можни нови операции против Иран под името „Операција Чекан“, доколку пропадне примирјето. Од Вашингтон тврдат дека прекинот на огнот е во сила и дека САД го контролираат Ормускиот теснец.
„Знаеме дека прекинот на огнот е во сила и дека Иран нема да има нуклеарно оружје — на еден или друг начин. САД де факто го контролираат Ормускиот теснец, и ништо нема да помине без наша дозвола“, изјави Пит Хегсет-секретар за одбрана на САД.
Катар повика на засилена дипломатија и предупреди против обновување на конфликтот, додека тензиите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат високи. Војната против Иран досега ги чинат САД 29 милијарди долари.
Бојана Крстевски
