Хрватскиот стратег Лино Червар ќе го води Еурофарм Пелистер
Во клубот веруваат дека 75-годишниот стратег има капацитет повторно да изгради конкурентен тим.
Хрватскиот ракометен стратег Лино Червар од следната сезона ќе седне на клупата на РК Еурофарм Пелистер. Со ангажманот на искусниот тренер, битолскиот клуб сака што побрзо да се врати на врвот на македонскиот ракомет.
„Во нашата историја и идентитет не постојат мали цели. Затоа мора секогаш да бидеме на висината на предизвикот, да го следиме трендот и да го надградуваме проектот. Нашата нова приказна за сезоната 2026/27 почнува со назначувањето на новиот тренер. Нашиот избор падна на олимписки и светски првак, човек кој е синоним за ракометот на овие простори — Лино Червар. Хрватскиот тренерски маг и официјално е нов тренер и предводник на проектот на Еурофарм Пелистер и се обрвза на двегодишен договор со клубот и најракометниот град“, информираат од клубот.
Во клубот веруваат дека 75-годишниот стратег има капацитет повторно да изгради конкурентен тим.
Еурофарм Пелистер сезонава остана без шампионската титула по три години доминација и не успеа да обезбеди пласман во финалето на националниот куп. Сепак, битолчани оставија солиден впечаток во ЕХФ Лига на шампиони, каде освоија шест бода во групната фаза со две победи и две нерешени средби.
