Трајков: Жените и младите да бидат двигатели на европскиот развој
Трајков учествува на 29-от Евроазиски економски самит во Истанбул, кој годинава се одржува под мотото „Глобална одговорност“ на кој учествуваат високи државни претставници, дипломати, универзитетски професори, претставници на меѓународни организации и експерти од повеќе земји.

Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков учествува на 29-от Евроазиски економски самит во Истанбул, кој годинава се одржува под мотото „Глобална одговорност“ на кој учествуваат високи државни претставници, дипломати, универзитетски професори, претставници на меѓународни организации и експерти од повеќе земји. На самитот се дискутираше за глобалните предизвици, мирот, демократијата, улогата на жените во општеството и економската соработка.
Во рамки на панел-сесијата „Democracy, Women and the Future of Peace“, заменик-министерката Трајков се обрати на тема поврзана со улогата на жените во процесите на носење одлуки, демократскиот развој и европските перспективи на регионот.
„Европската иднина на регионот зависи од нашата способност да градиме демократски институции, да вложуваме во човечкиот капитал и да создадеме општество во кое младите и жените ќе имаат активна улога во носењето одлуки“ истакна Трајков.
Таа нагласи дека евроинтегративниот процес не е само политичка цел, туку и суштинска реформска агенда насочена кон стабилност, економски развој и владеење на правото.
„Во време на глобални предизвици, потребни се повеќе дијалог, соработка и заедничка одговорност. Само преку партнерство и меѓусебна доверба можеме да изградиме посилна и поодржлива иднина за сите граѓани“, порача заменик-министерката за европски прашања.
Учеството на самитот претставува можност за продлабочување на меѓународната соработка, размена на искуства и афирмација на заложбите за европски вредности, дијалог и регионална стабилност.
