Финансии

Димитриеска-Кочоска: Фискалната консолидација е неопходна – ќе се спроведува внимателно и фазно

13.05.2026 20:48

Фискалната политика во 2026 година продолжува по зацртана среднорочна рамка. Фокусот останува заштита на животниот стандард на граѓаните, поддршка на економијата и фискална консолидација, која ја темелиме на фискалната одговорност и дисциплина во планирањето и користењето на јавните средства, а во рамки на реални и одржливи фискални можности, истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Фискалната политика во 2026 година продолжува по зацртана среднорочна рамка. Фокусот останува заштита на животниот стандард на граѓаните, поддршка на економијата и фискална консолидација, која ја темелиме на фискалната одговорност и дисциплина во планирањето и користењето на јавните средства, а во рамки на реални и одржливи фискални можности. Ова го истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за МИА.

„Во пракса значи дека ќе одиме со фазно спроведување на фискалната консолидација, без нагли ограничувања затоа што не сакаме да предизвикаме штети на економијата и да го прекинеме оној циклус на економски раст од околу 3,5 проценти кој го имаме постигнато во последната година и половина. Се стремиме да го постигнеме она правило од 3 проценти буџетски дефицит од 2028 и понатаму да се спуштиме и под тоа ниво, но истовремено ќе внимаваме да создадеме услови за економски раст. Фискалната консолидација не е само прашање на кое треба да работиме, туку и процес којшто на некој начин е повеќе од потребен со оглед на тоа што имаме неизвесности во континуитет и треба да создадеме една резерва за евентуални идни шокови. Ова е важно прашање кое не нè засега само нас, туку и многу земји во Европа се борат со високи буџетски дефицити, но за нас е поголем предизвик бидејќи ние сме и земја во развој“, вели министерката за финансии.

Таа посочи дека од тие рамки нема да се отстапи и со ребалансот којшто веќе се подготвува во Министерството за финансии и потенцира дека буџетот е ликвиден, сите обврски се сервисираат и дека редовно се исплаќаат платите и пензиите.

Во интервјуто се осврна и на состојбата со јавниот долг, при што посочи дека последниот податок е заклучно со првиот квартал од 2026 година и дека состојбата покажува намалување како процент од БДП во споредба со вториот квартал од 2024 година.

Таа потенцира дека управувањето со јавниот долг особено кога веќе нивото е достигнато до оној психолошки момент од 60 проценти бара огромна внимателност со цел да се зачува стабилноста во јавните финансии, а во услови кога треба да се финансира и развојот.