Македонија

Волк слободно шетал низ скопска населба, заврши во ЗОО Скопје

13.05.2026 17:50

Животното, кое според „ЗОО Скопје“ било чувано нелегално како домашен миленик, е безбедно згрижено и ќе биде ставено во карантин под надзор на стручни лица. Надлежните институции апелираат до граѓаните да пријавуваат случаи на незаконско чување диви животни, со цел да се спречат ризици по јавната безбедност.

Ова е волкот што беше фатен на улицата „Јуриј Гагарин“ во скопската населба Козле. Тој речиси цела вечер слободно шеташе низ населбата, по што граѓани пријавиле во полиција, по што бил заловен. Сега животното е на безбедно, а „ЗОО Скопје“ ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветни услови во иднина. Периодов ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица.

За случајот реагираше и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој остро ја осуди неодговорноста на поединци.

„Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за јавната безбедност. Очекувам институциите целосно да го расчистат случајот“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

За среќа, оваа ситуација заврши без последици, велат од полицијата, кои веднаш реагираа за случајот.

Од Зоолошката градина потврдуваат дека станува збор за волк кој бил чуван како домашен миленик, што е незаконски.

Надлежните институции апелираат граѓаните веднаш да пријавуваат нелегално чување диви животни, со цел да се спречат ризици и инциденти.

Борис Грујоски