Македонија

Остри реакции за случајот со набавка на мазут за ТЕЦ- Неготино

13.05.2026 18:06

Премиерот Мицкоски со остра реакција по одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ-Неготино. Предупреди дека доколку предметот не биде преиспитан, обвинителството ќе го изгуби кредибилитетот.

Премиерот Христијан Мицкоски „со неверување“ ја слушнал одлуката на ОЈО ГОКK за предметот во кој е опфатен поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Очекува АД ЕСМ да поднесе жалба и случајот повторно да биде вратен на разгледување.

Доколку предметот не биде преиспитан, премиерот со став дека ОЈО ГОКК го губи својот кредибилитет. За овој случај, тој веќе разговарал со државниот обвинител Савески.

„Доколку тоа не се случи, тогаш Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе го загуби својот кредибилитет. Обвинителството со Ислам Абази сме го коментирале. Јавноста знае за каков обвинител станува збор. Во текот на вчерашниот ден јас разговарав и со јавниот обвинител Савески на оваа тема и тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК “, изјави премиерот Мицкоски.

АД ЕСМ ќе го обжали решението од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за прекинатата постапка за набавката на мазут за ТЕЦ-Неготино, во кој обвинетите се товарат за незаконитост при работењето. Правниот тим на компанијата ги презема сите активности за понатамошната постапка.

„Ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање за заштита на интересите на компанијата“, велат од АД ЕСМ.

Случајот е отворен лани во март. По координираната акција на МВР и ОЈО ГОКК, лишени се од слобода 11 лица. Поранешниот директор на АД ЕСМ Ковачевски сè уште е во бегство. Обвинети беа за злоупотреба на службена положба и перење пари.

Марина Стојанова-Тонева