САД и Кина на маса на историски разговори
Почнаа билатералните разговори во Пекинг меѓу Трамп и Џинпинг. САД и Кина треба да бидат партнери, а не противници“, му порача кинескиот лидер на американскиот, оценувајќи дека светот се наоѓа на „нова раскрсница“ и оти двете сили имаат одговорност за глобалната стабилност…

Лидерите на САД и Кина седнаа на маса на долгоочекуваните билатерални разговори во Пекинг, во момент на зголемени тензии околу Иран и Ормускиот теснец, трговијата, критичните минерали и Тајван, при што двете страни порачаа дека сакаат стабилност и продлабочување на соработката меѓу двете најголеми светски економии. „САД и Кина треба да бидат партнери, а не противници“ – му порача кинескиот лидер Џинпинг на Трамп, оценувајќи дека светот се наоѓа на „нова раскрсница“ и дека двете сили имаат одговорност за глобалната стабилност. Тој предупреди дека несоодветно справување со прашањето за Тајван може да доведе до „судир“, но истовремено нагласи дека трговските тимови постигнале „генерално избалансиран и позитивен исход“, нагласувајќи дека во трговската војна нема победници.
„Светот минува низ невидени забрзани промени и стигна до нова раскрсница. Дали Кина и САД можат да работат заедно за да се справат со глобалните предизвици, внесувајќи стабилност во светот и подобра иднина за човештвото“, изјави Кси Џинпинг, претседател на Кина.
Трамп, пак, изјави дека односите меѓу двете земји ќе бидат „подобри од кога било досега“, нагласувајќи дека сите проблеми досега брзо биле решавани.
„Имавме фантастичен однос. Се сложувавме. Кога беа тешкотии, ги решававме многу брзо. И ќе имаме фантастична иднина заедно. Имам голема почит кон Кина и кон сè што постигнавте. Вие сте одличен лидер“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Над посетата се наѕира и прашањето за Иран и Ормускиот теснец, при што Вашингтон очекува Пекинг да одигра поактивна улога во стабилизација на регионот. Американскиот државен секретар Рубио, кој е дел од делегацијата заедно со министерот за одбрана и секретарот за финансии, Хегсет и Бесент, изјави дека кризата во Персискиот Залив претставува глобален ризик и дека стабилноста е клучна за кинеската економија.
„Во нивен интерес е да го решат ова. Се надеваме дека ќе играат поактивна улога да го натераат Иран да се откаже од она што го прави сега во Персискиот Залив“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во меѓувреме, пред состанокот на БРИКС во Њу Делхи, Иран повика на заеднички став против употребата на воена сила врз членките на организацијата, предупредувајќи на регионални тензии и барајќи поголема солидарност.
„Една од соседните земји, членка на БРИКС, за жал не покажа добар резултат за време на воената агресија против Иран и им ја отстапи својата територија на агресорите-Америка и Израел. Очекуваме дека ова прашање ќе се покаже во конечната изјава од БРИКС; дека земјите отфрлаат каква било употреба на воена агресија против членките и го потврдуваат суверенитетот и територијалниот интегритет“, изјави Казем Гарибабади, заменик-министер за надворешни работи на Иран.
Состанокот во Пекинг се оценува како еден од најважните директни контакти меѓу двете сили во последниот период, во услови на зголемени геополитички тензии и во сенка на кризата на Блискиот исток која дополнително ја засилува неизвесноста околу односите Вашингтон – Пекинг.
Бојана Крстевски
