САД-Иран

Кина и САД влегуваат во нова ера по разговорите меѓу Трамп и Џинпинг во Пекинг

14.05.2026 17:01

Трамп и Ши на историска средба во Пекинг — пораки за нова ера, светла иднина и стабилност, но и предупредувања за можен судир околу прашањето за Тајван. Во фокусот и кризата со Иран и Ормускиот теснец, ставовите исти-протокот мора да остане отворен. Додека Вашингтон очекува Пекинг да преземе поактивна улога за стабилизација на регионот, Иран, топката ја префрла на САД. Обвини дека нивната блокада ја загрозува глобалната енергетска стабилност...

Лидерите на САД и Кина седнаа на маса на долгоочекуваната билатерална средба во Пекинг. По речиси двочасовниот состанок, Трамп ги оцени разговорите со Џинпинг како „одлични“, но не прецизираше дали биле отворени прашањата за Тајван, кој останува едно од клучните жаришта на тензии меѓу двете земји, заедно со царините, технолошката конкуренција и конфликтот во Иран. И двете страни порачаа дека сакаат стабилност и продлабочување на соработката меѓу двете најголеми светски економии.

„Имавме фантастичен однос. Се сложувавме. Кога беа тешкотии, ги решававме многу брзо. И ќе имаме фантастична иднина заедно. Имам голема почит кон Кина и кон сè што постигнавте. Вие сте одличен лидер“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

„САД и Кина треба да бидат партнери, а не противници“ – порача Џинпинг, оценувајќи дека светот се наоѓа на „нова раскрсница“ и дека двете сили имаат одговорност за глобалната стабилност. Тој предупреди дека несоодветното справување со прашањето за Тајван може да доведе до „судир“, но истовремено нагласи дека трговските тимови постигнале „позитивен исход“, истакнувајќи дека во трговската војна нема победници.

„Светот минува низ невидени забрзани промени и стигна до нова раскрсница. Дали Кина и САД можат да работат заедно за да се справат со глобалните предизвици, внесувајќи стабилност во светот и подобра иднина за човештвото“, изјави Ши Џинпинг, претседател на Кина.

Војната и енергетската криза на Блискиот Исток беа меѓу главните теми на разговорите. Трамп и Си се согласија дека Ормускиот теснец мора да остане отворен, додека Вашингтон очекува Пекинг да одигра поактивна улога во стабилизација на регионот. Американскиот државен секретар Рубио оцени дека кризата во Персискиот Залив претставува глобален ризик.

„Во нивен интерес е да го решат ова. Се надеваме дека ќе играат поактивна улога да го натераат Иран да се откаже од она што го прави сега во Персискиот Залив“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Иран, пак, ги обвини САД за тензиите околу Ормускиот теснец и оцени дека американската блокада ја загрозува глобалната енергетска стабилност. Од состанокот на БРИКС во Њу Делхи упатен и повик против употребата на воена сила врз членките на организацијата.

„Ормускиот теснец најмногу страда од американската агресија и блокадата што ја наметнаа. Теснецот е отворен за комерцијални бродови, а ние не сме направиле никакви пречки“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

„Една од соседните земји, членка на БРИКС, за жал не покажа добар резултат за време на воената агресија против Иран и им ја отстапи својата територија на агресорите-Америка и Израел. Очекуваме дека ова прашање ќе се покаже во конечната изјава од БРИКС“, изјави Казем Гарибабади, заменик-министер за надворешни работи на Иран.

Средбата во Пекинг се оценува како еден од најважните директни контакти меѓу двете сили во последниот период, во услови на зголемени геополитички тензии и неизвесност околу кризата на Блискиот Исток која дополнително ја засилува неизвесноста околу односите Вашингтон – Пекинг.

 

Бојана Крстевски