Зеленски: Русија се обидува да предизвика што е можно повеќе страдање
Загинати и ранети по еден од најголемите руски комбинирани напади врз Украина од почетокот на војната. Со стотици дронови и ракети погодени повеќе региони. Зеленски порача дека Киев продолжува со дипломатските напори и бара засилен меѓународен притисок врз Москва. Новата унгарска влада предводена од Маѓар остро ги осуди руските напади во близина на границата со Украина. Путин, пак, најави дека продолжува со „развивање“ и „модернизација“ на нуклеарните капацитети.

Русија изврши еден од најголемите комбинирани напади врз Украина од почетокот на војната, со стотици дронови и ракети насочени кон повеќе региони, при што има загинати и ранети. Зеленски изјави дека Русија се обидува да предизвика што е можно повеќе страдање, додека Украина продолжува со дипломатски напори и бара засилен меѓународен притисок врз Москва.
„Не се откажуваме од дипломатските напори и се надеваме дека притисокот врз Русија, заедно со преговорите во различни формати, ќе помогне во постигнувањето мир. Во постојан контакт сме со нашите американски партнери и многу сме благодарни. Очекуваме прашањето за прекин на војната да се постави и сега, додека претседателот на САД е во Кина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Штети се регистрирани во Киев, западните и јужните делови од земјата, дел од инфраструктурата е погодена и оштетена. Нападите следуваат по претходен масовен удар во кој беа употребени околу 800 дронови.
„Во киевската област Дарницки, можеме да видиме оштетена станбена зграда, со 18 уништени станови. Спасувачките операции се во тек. Се надеваме дека нема луѓе заробени под урнатините, но веројатноста останува голема. Имаше бројни напади во различни области на градот. Центрите за помош веднаш почнаа да работат. На сите погодени жители им се дава поддршка“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.
Новата унгарска влада предводена од Маѓар остро ги осуди руските напади со беспилотни летала во близина на границата со Украина, што е значајна промена во однос на пријателските односи на неговиот претходник со Москва.
„Унгарската министерка за надворешни работи ќе разговара со рускиот амбасадор за нападите што го погодија украинскиот регион Закарпатија, каде што живее значително унгарско малцинство. Таа ќе побара информации за тоа кога Русија и Владимир Путин планираат конечно да ја завршат оваа крвава војна што започна пред повеќе од четири години“, изјави унгарскиот премиер, Петер Маѓар.
Путин претходно изјави дека неговата земја ќе продолжи да ги „развива“ и „модернизира“ своите нуклеарни капацитети.
Катерина Бојаџиева
