Предлог-законот за парнична постапка го помина првиот собраниски филтер
Заменик-министерот за правда Ален Деребан, образложувајќи го законското решение пред пратениците, истакнал дека станува збор за еден од клучните реформски закони во областа на правосудството, чија цел е унапредување на ефикасноста на судските постапки, зајакнување на правната сигурност и зголемување на довербата на граѓаните во судството.

Предлог-законот за парнична постапка го помина првото читање на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија, како дел од реформите во правосудниот систем.
Заменик-министерот за правда Ален Деребан, образложувајќи го законското решение пред пратениците, истакнал дека станува збор за еден од клучните реформски закони во областа на правосудството, чија цел е унапредување на ефикасноста на судските постапки, зајакнување на правната сигурност и зголемување на довербата на граѓаните во судството.
Според Министерството за правда, донесувањето на законот претставува исполнување на важна обврска од Развојната стратегија за правосудството 2024–2028 и од Програмата за работа на Владата за 2025 година.
Новото законско решение предвидува поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките, како и унапредување на постапката за вештачење, при што судот ќе може и по службена должност да изведува вештачење и увид на самото место како доказ.
Со измените се воведува и електронска достава од двете страни, како чекор кон целосна дигитализација на судските предмети. Дополнително, јавните расправи ќе можат да се одржуваат и по електронски пат, преку аудио-визуелна комуникација во реално време, што треба да придонесе за помалку одлагања, намалување на трошоците и поефикасна работа на судовите.
Законот предвидува и забрзување на постапките во споровите од мала вредност, како и намалување на висината на глобите за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност.
За првпат се воведуваат и претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права, со што се овозможува подобар пристап до правда за поголеми групи граѓани и поефикасно користење на ресурсите.
Од Министерството за правда посочуваат дека Предлог-законот е резултат на повеќегодишна работа на широка експертска група составена од претставници на академската заедница, судството, адвокатурата, нотаријатот, извршителите, стопанството, невладиниот сектор и државните институции. Нацрт-текстот претходно бил предмет на јавна расправа преку ЕНЕР и повеќе дебати со засегнатите страни.
Законот е усогласен и со повеќе системски закони, меѓу кои законите за вештачење, заштита на потрошувачите, бесплатна правна помош, електронски документи и меѓународно приватно право.
