Муцунски: Потребен е дијалог со Софија
Шефот на дипломатијата Муцунски побарал официјална средба со неговата бугарска колешка Петова-Чамова, за време на претстојниот состанок на министрите на членките на НАТО во Шведска. Вели потребен е дијалог со Бугарија. А според бугарскиот амбасадор во земјава разговорите зависат од Македонија. За шефицата на државата оправдана е реакцијата на МНР со вербалната нота која му беше врачена. Социјалдемократите обвинуваат за лицемерие.

По тензиите на релација Скопје – Софија шефот на дипломатијата Муцунски побарал билатерална средба со неговата колешка од Бугарија. Се чека одговор од официјална Софија дали состанокот би се одржал во рамките на средбите во НАТО. Министерот за надворешни очекува разговорите за надминување на спорот да продолжат.
Бугарскиот амбасадор во земјава Радуков го повтори ставот оти дијалогот зависи само од Македонија.
За шефицата на државата оправдана е реакцијата на македонското МНР која му врачи вербална нота на бугарскиот амбасадор. Сиљановска-Давкова смета тие што го потпишале Преспанскиот договор први треба да го почитуваат затоа што со него не е забранета употребата на придавката македонски.
Социјалдемократите ја обвинија власта и претседателката Сиљановска за политичка хипокризија и лицемерие. Според партијата тие ги добиле изборите со ветување оти ќе го укинат преспанскиот договор.
Односите меѓу Скопје и Софија се заострија откако новата министерка за надворешни на Бугарија го употреби терминот Северномакедонци, по што македонското МНР го повика бугарскиот амбасадор Радуков на информативен разговор.
Викторија Милевска
