Трамп и Шји согласни за Ормускиот теснец
По историската посета на Пекинг, шефот на Белата куќа, Трамп добил уверување од кинескиот претседател Шји Џинпинг дека нема да му се овозможи на Иран да развие нуклеарка. Шји ветил дека нема да доставува оружје за Техеран.

Американскиот претседател Трамп изјави дека кинескиот колега Шји му ветил оти Пекинг нема да му испорачува воена опрема на Иран. На финалните разговори во Пекинг двајцата лидери се согласија дека Ормускиот теснец мора да остане отворен и дека Техеран никогаш не смее да има нуклеарно оружје, соопшти Белата куќа. Воедно, Кина се согласила да нарача 200 авиони од американскиот производител Боинг.
„Разговаравме за Иран. Имаме многу слични ставови. Сакаме тоа да заврши. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје. Сакаме теснецот да биде отворен. И сакаме да го завршат ова затоа што таму не е добро. Не може да се дозволи да имаат нуклеарно оружје“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Во исто време на сослушувањето во Сенатот истакнато дека индустриската база на иранските ракети, морнарица и беспилотни летала е деградирана за 90 проценти, тврдат од Централната команда на САД.
„Нашата воена мисија и операцијата „Епски бес“ беа кристално јасни од самиот почеток и останаа стабилни во текот на целата мисија. Целта беше да се деградира способноста на Иран да проектира моќ врз своите соседи и американските интереси“, рече адмирал Чарлс Б. Купер, командант на Централната команда на САД.
Американскиот државен секретар, Рубио вели дека политиката на САД кон Тајван е непроменета, но предупреди дека би било страшна грешка Кина да го земе Тајван со сила.
„Мислам дека Кина веројатно претпочита, Тајван доброволно да им се придружи. Во совршен свет, она што би го сакале е гласање или референдум во Тајван на кој би се согласиле да се приклучат. На крајот на краиштата, тоа е истакнато во мандатот на претседателот Шји. Тој јасно стави до знаење дека она што тие го нарекуваат обединување, тоа е она што го нарекуваат, е нешто што мора да се случи во одреден момент. Сметаме дека би било ужасна грешка да се наметне тоа преку сила или нешто од таа природа. Тоа би имало последици глобално, не само од САД“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Кинескиот лидер најави подобрување на односите со Вашингтон, порачувајќи дека двете земји треба да бидат партнери, а не противници.
Маријана Димовска
