Историска посета

САД и Кина ги продлабочуваат врските

15.05.2026 11:19

По историската посета на Пекинг, шефот на Белата куќа, Трамп добил уверување од кинескиот претседател Шји Џинпинг, дека нема да испорачува воена опрема на Иран. И двајцата лидери се согласиле дека Ормускиот теснец мора да остане отворен, а Техеран не смее да се здобие со нуклеарно оружје…

Со обиколка и чај во царските градини каде што се наоѓа седиштето на Кинеската комунистичка партија, Трамп и Шји ја финишираа историската средба. Американскиот претседател вели дека добил ветување оти Пекинг нема да му испорачува воена опрема на Иран. Двајцата лидери се согласија дека Ормускиот теснец мора да остане отворен и дека Техеран никогаш не смее да има нуклеарно оружје.

„Разговаравме за Иран. Имаме многу слични ставови. Сакаме тоа да заврши. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје. Сакаме теснецот да биде отворен. И сакаме да го завршат ова затоа што таму не е добро. Не може да се дозволи да имаат нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

На финалните разговори Шји не се осврна на никакви суштински теми пред камерите, но Трамп рече дека склучиле трговски договори и дека решиле многу проблеми што другите луѓе не би можеле да ги решат. Според објавеното, Пекинг се согласил да купува нафта од САД и да набави 200 авиони „Боинг“. Во септември се очекува кинескиот претседател да ги посети САД.

„Оваа посета е историска и значајна посета. Досега воспоставивме нов билатерален однос, или поточно конструктивен однос на стратегиска стабилност. Ова може да се опише како пресвртница“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.

Нема многу детали за тоа што е разговарано за Тајван, но кинескиот претседател претходно рече дека тоа е најважното прашање во односите меѓу Кина и САД и дека може да создаде многу опасна ситуација ако се постапува погрешно. Американскиот државен секретар, Рубио вели дека политиката на САД кон Тајван е непроменета, но предупреди дека би било страшна грешка Кина да го земе островот со сила.

„Мислам дека Кина веројатно претпочита, Тајван доброволно да им се придружи. Во совршен свет, она што би го сакале е гласање или референдум во Тајван на кој би се согласиле да се приклучат. Сметаме дека би било ужасна грешка да се наметне тоа преку сила или нешто од таа природа. Тоа би имало последици глобално, не само од САД“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Делегацијата на САД во Кина беше составена од врвни технолошки лидери во обид да се дискутира за споровите поврзани со трговските бариери, геополитичката стабилност и развојот на вештачката интелигенција. Пекинг врши притисок врз Вашингтон да ги ублажи ограничувањата за извоз на напредни чипови, а САД, пак, сакаат Кина да ги продолжи испораките на ретки земјени метали кои се клучни за американската автомобилска и воздухопловна индустрија.

Маријана Димовска