Влада

Владата донесе одлука за отворање на Амбасада на Македонија во Литванија

15.05.2026 14:02

Воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на нашите национални интереси и унапредување на билатералната соработка со оваа значајна пријателска земја...

Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, донела одлука за отворање на Амбасада на Република Северна Македонија во Република Литванија, со седиште во главниот град на земјата, Вилнус, соопштија денеска од ресорното Министерство.

Воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на нашите национални интереси и унапредување на билатералната соработка со оваа значајна пријателска земја, се наведува во соопштението.

Амбасадата во Вилнус ќе има и поширока регионална улога, претставувајќи централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес.

Република Литванија е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во доменот на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата, како и држава која континуирано го поддржува процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.

Блиските, искрени и партнерски односи меѓу двете земји се потврдуваат и преку одлуката на литванската страна, во ноември 2023 година, да отвори Канцеларија во Скопје.

Со оваа одлука, Амбасадата на Република Северна Македонија во Варшава престанува да биде надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Република Литванија на нерезидентна основа.