Низок ризик од ширење на хантавирус во земјава, уверува комисијата
Здравствените власти уверуваат дека ризикот од појава и ширење на хантавирус во државата е низок, а системот е подготвен за евентуални случаи. Институтот за јавно здравје располага со лабораториски капацитети за дијагностика, додека Инфективната клиника има услови за третман и интензивна нега. Од Комисијата за заштита од заразни болести посочуваат дека вирусот може да се пренесува и од човек на човек, но значително потешко отколку коронавирусот.

Низок е ризикот од појава и ширење на хантавирус во државата, се следи состојбата во светски рамки, заклучок од седницата на Комисијата за заштита од заразни болести. Здравствениот систем е подготвен за справување со евентуална појава на инфекцијата.
Институтот за јавно здравје располага со реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со стандардни оперативни процедури за дијагностика на овој вирус. Клиниката за инфективни болести располага со соодветни капацитети за третман на евентуални пациенти со симптоматологија карактеристична за инфекција со Хантавирус, односно има соодветни услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка, велат од комисијата.
За разлика од останатите варијанти, овој тип на хантавирусот, има можност за пренос од човек на човек при подолг и близок контакт, но важно е да се нагласи дека преносот не е брз и лесен како кај коронавирусните инфекции, стои во соопштението од Комисијата за заштита од заразни болести.
