Свет

Куба во мрак, Хавана на нозе

15.05.2026 17:03

Куба во мрак, Хавана на нозе. Кога струјата исчезнува и по 22 часа дневно, не згаснуваат само светлата – застануваат театрите, автобусите и секојдневниот живот. Додека граѓаните протестираат поради немаштијата и недостигот од основни потреби, властите прстот го вперуваат кон санкциите и прекинатите испораки на гориво. Дали островот се соочува со енергетски колапс и колку далеку може да оди кризата?

Стотици жители на Хавана излегоа на улиците во знак на протест против долгите прекини на електрична енергија и продлабочената енергетска криза. Во одредени делови од главниот град граѓаните остануваат без струја и до 22 часа дневно. Кубанците реагираат дека секојдневниот живот им е отежнат поради кризата во земјата, ембаргото на нафта, недостигот од струја, вода, стоки и од транспорт. Многумина стравуваат дека би можело да ескалира и воен конфликт.

„Би сакал повторно да глумам и да се вратам во театрите во Ведадо. Тешко е, а во моментов едноставно не е можно, бидејќи нема начин да одам на проби секој ден. Нема доволно пари, нема ни автобуси, ни превоз, ништо од тоа. Во меѓувреме, најдов други начини да заработам за живот-правам гаражни распродажби за време на викендите и работам тука во заедницата“, изјави Хуан Мигел Мас, кореограф и режисер.

„Како мислите дека се справувам со проблемот со прекините на струја? Ужасно е. И тоа малку што го имаме на крајот се расипува. Мора да купуваш само она што ти треба во моментов, а јас сум во пензија. Знаете колку заработувам? Само 6 долари“, изјави Дигна Переира, жител.

„Мислам дека состојбата ќе се влоши. Ако останеме под оваа влада, работите само ќе се влошат за нас“, изјави Јадал пилото, локален жител.

Кубанските власти велат дека американската блокада на испораките на гориво предизвикала сериозна состојба во енергетскиот систем. Министерот за енергетика призна дека државата речиси целосно останала без дизел и мазут.

„Веќе некое нашата земја не добила никакво гориво од декември. Тоа е главната причина за долгите прекини на електричната енергија. На тоа се додава и техничката состојба на нашите термоцентрали“, изјави Висенте де ла о Леви, кубански министер за енергетика и рудници.

САД од почетокот на годината ги ограничуваат испораките на нафта кон Куба, а санкциите беа дополнително заострени во јануари. Од декември, само еден поголем руски танкер испорачал сурова нафта на островот.

 

Катерина Бојаџиева