Трамп доби уверување од Кина дека нема да испорачува воена опрема за Иран
По историската посета на Пекинг, шефот на Белата куќа доби уверување од кинескиот претседател дека нема да испорачува воена опрема за Иран. И двајцата лидери се согласиле дека Ормускиот теснец мора да остане отворен, а Техеран не смее да се здобие со нуклеарно оружје. Двете најголеми економии ја продлабочуваат соработката. Во септември Шји ќе ги посети Соединетите Американски Држави.

Американскиот претседател ја заврши посетата на Пекинг по приватната средба во официјалната резиденција на кинескиот лидер. Шефот на Белата Куќа вели дека добил ветување оти Кина нема да му испорачува воена опрема на Иран. Претседателите согласни дека Ормускиот теснец мора да остане отворен, а Техеран не смее да има нуклеарно оружје. Исламската Република експресно возврати, не се откажуваат од протокот и нема да попуштат пред заканите.
„Разговаравме за Иран. Имаме многу слични ставови. Сакаме тоа да заврши. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје. Сакаме теснецот да биде отворен. И сакаме да го завршат ова затоа што таму не е добро. Не може да се дозволи да имаат нуклеарно оружје“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
За време на серија состаноци и настани, двете страни склучиле трговски договори. Според објавеното, Пекинг се согласил да купува нафта од САД и да набави 200 авиони „Боинг“.
„Оваа посета е историска и значајна посета. Досега воспоставивме нов билатерален однос, или поточно конструктивен однос на стратегиска стабилност. Ова може да се опише како пресвртница“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.
Во септември договорена возвратна посета, Шји да ги посети САД.
„Суштината на економските и трговските односи меѓу Кина и САД е заемна корист и соработка од која сите добиваат. Двете страни треба заеднички да го спроведат важниот консензус постигнат од двајцата шефови на држави и да внесат поголема стабилност во економската и трговската соработка меѓу Кина и САД и во светската економија“, изјави Гуо Иакун, портпарол на МНР на Кина.
Нема многу детали за тоа што е разговарано за Тајван, но кинескиот претседател претходно рече дека тоа е најважното прашање во односите меѓу Вашингтон и Пекинг и дека може да создаде многу опасна ситуација ако се постапува погрешно. Американскиот државен секретар, Рубио вели дека политиката на САД кон Тајван е непроменета.
„Мислам дека Кина веројатно претпочита, Тајван доброволно да им се придружи. Во совршен свет, она што би го сакале е гласање или референдум во Тајван на кој би се согласиле да се приклучат. Сметаме дека би било ужасна грешка да се наметне тоа преку сила или нешто од таа природа. Тоа би имало последици глобално, не само од САД“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Делегацијата на САД во Кина покрај политичките претставници, броеше и врвни технолошки лидери. Пекинг врши притисок врз Вашингтон да ги ублажи ограничувањата за извоз на напредни чипови, а САД, пак, сакаат Кина да ги продолжи испораките на ретки земјени метали кои се клучни за американската автомобилска и воздухопловна индустрија.
Маријана Димовска
