Медиуми

Критериуми за радиодифузерите кои вршат пренос

15.05.2026 18:25

„Спортот не е само натпревар, резултат и емоција, тој е дел од нашиот идентитет, култура и национално достоинство“ – ставови на првите луѓе на фудбалската, ракометната, одбојкарската и кошаркарската федерација за нацрт-одлуката на Агенција за медиуми за утврдување листа на настани од големо значење за јавноста на Македонија. Велат дека кога децата ги гледаат македонските спортисти на јавниот сервис, создаваат свои идоли и добиваат мотивација дека и тие можеби еден ден ќе бидат на таа сцена.

Настапите на нашите репрезентативци се дел од нашата спортска традиција, култура и идентитет и затоа е исклучително важно да се емитуваат на Македонската телевизија – ставови на првите луѓе на фудбалската, ракометната, одбојкарската и кошаркарската федерација за нацрт-одлуката на Агенција за медиуми за утврдување листа на настани од големо значење за јавноста на Македонија.

„Кога децата ги гледаат македонските репрезентативци на Јавниот сервис тие создаваат свои спортски идоли и добиваат мотивација дека и тие можеби еден ден ќе бидат на таа сцена“, вели претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Преносите од спортските натпревари на Македонска телевизија им овозможуваат еднаков пристап на сите граѓани, а преку сателитските врски и на оние кои живеат во странство. Според Претседателот на ракометната Федерација на Македонија, Александар Стефанов тие настани се врска помеѓу татковината и дијаспората.

„Спортот е двигател на секое општество и на секоја држава и нема дилема дека големите натпревари треба да се емитуваат на Македонската телевизија“, смета првиот човек на Македонската одбојкарска федерација, Петар Јовановски.

За него, настаните ќе имаат широка гледаност судејќи според големата покриеност на територијата на која зрачи Јавниот сервис.

„Спортот не е само натпревар, резултат и емоција, тој е дел од нашиот идентитет, култура и национално достоинство“, вели претседателот на кошаркарската федерација на Македонија, Томица Главчев.

Оценува дека во време кога сме изложени на туѓи влијанија, особено важно е да го чуваме и негуваме литературниот македонски јазик, а тоа може да се постигне само преку преносите на спортските натпревари кои ги следи бројна публика.

Натпреварите на нашите клубови и репрезентации во домашни и во меѓународни натпреварувања, со акцент на фудбалот, ракометот, кошарката и одбојката, како и зимските и летните олимписки и параолимписки игри, се дел од настаните од големо значење за јавноста на Македонија запишани во нацрт-одлуката на Агенцијата за медиуми за кои тече јавната расправа. Во критериумите за значењето меѓу другото се наведува тоа дека настанот треба да има голем одглас кај населението и да содржи елементи на културниот идентитет.

Критериумите кои треба да ги исполнуваат радиодифузерите за емитување на оние настани се следните: да покриваат 80 насто од територијата на Македонија, пристапот да биде слободен и да не наплаќаат дополнително, програмата да ја емитуваат во некодирана форма и на македонски јазик.

Александра Велинова