Се санираат мостовите на пругата кон Бугарија
Интензивно се гради пругата кон Бугарија, информираат од Македонски железници. Во моментов се работи на оформување на делницата од Бељаковце до Крива Паланка. Најдоцна до почетокот на јуни ќе се распише меѓународен повик и за избор на изведувач за третата фаза …

Со засилена динамика продолжува изградбата на втората фаза од пругата од Бељаковце до Крива Паланка, на источниот дел од коридорот 8. Од Железници Инфраструктура информираат за прогрес од 35 до 40 отсто на предвидените работи на делницата во должина од 34 километри. По застојот од една година, се работи на санација на мостовите.
„Оние 26 мостови што се направени уште 90-тете години кои се еден симбол на неконзистентност во работење, почнавме полека да ги реконструираме и ставаме назад во првична состојба односно да се гарантира барем дека сто години од денеска ќе имаат целосна и комплетна функција“, истакна директорот на ЈП Македонски железници, Синиша Ивановски.
До крајот на мај, најдоцна почетокот на јуни, ќе се распише и меѓународен јавен повик за избор на изведувач за третата фаза, делницата Крива Паланка до границата со Бугарија. Министерството за транспорт соопшти дека веќе е објавен јавниот повик за надзор.
Првиот дел од пругата Куманово-Бељаковце, во должина од над 30 километри, се пушти во употреба лани во јануари.
Но она што е загрижува е оваа слика. Несовесни граѓани создале купишта смет, на делот којшто беше пуштен лани, делница во Куманово.
Градежните работи на пругата започнаа кон крајот на октомври 2022 година. На изградбата се гледа како регионален проект, значаен за европската трговска размена.
Елена Георгиевска
