САД-Кина

Трамп го предупреди Тајван да не прогласува формална независност

16.05.2026 11:49

Трамп го предупреди Тајван да не прогласува формална независност. Тајпеј со категоричен одговор – Тајван е демократска, суверена и независна држава која не е подредена на Кина...

Американскиот претседател го предупреди Тајван да не прогласува формална независност, неколку часа по средбата со неговиот кинески колега. Тајпеј со категоричен одговор – Тајван е демократска, суверена и независна држава која не е подредена на Кина.

„Тоа отсекогаш било нивното најважно прашање. Тоа не е преземање. Тие едноставно не сакаат да го видат ова место – ќе го наречеме место бидејќи никој не знае како да го дефинира – но не сакаат да го видат независно. Веројатно би направиле нешто прилично сурово, а потоа ќе бидат пречекани сурово и ќе се случат лоши работи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп изјави дека неговата претстојна одлука за понатамошната продажба на оружје на Тајван е ефикасно средство за притисок врз Пекинг. Засега го остава договорот вреден повеќе милијарди долари да лебди во воздух, иако тој е веќе одобрен од американскиот конгрес. Конгресмените од двете страни ја поддржуваат продажбата и покрај двоумењето на американскиот претседател.

„Мораме да го поддржиме Тајван. Не мислам дека треба да направиме нешто што би ја поткопало одбранбената позиција на Тајван. Треба да ја зајакнуваме, а не да ја ослабуваме. Наша работа е да ги заштитиме и браниме“, изјави Брајан Фицпатрик - пратеник, републиканец.

„Мислам дека е важно за нас да се осигураме дека Тајван има се што му е потребно за да се одбрани и да води дијалог и разговор“, изјави Грегори Микс- пратеник, демократ.

Кина пак, ги отфрла таквите продажби на оружје затоа што Тајван го смета за свој неделив дел. На средбата со Трамп, Пекинг јасно ја пренел позицијата дека од прашањето за Тајван најмногу зависи какви ќе бидат односите со Вашингтон.

 

Катерина Бојаџиева