Различни позиции за интеграцијата и реформите
Заострува реториката за евроинтеграциите. Власта порачува – во ЕУ да влеземе достоинствени и со исполнети копенхашки критериуми, а не понижени со идентитетски отстапки. Опозицијата критикува – се бара алиби за неисполнувањето на Реформската агенда...

И покрај повикот за обединување, власта и опозицијата остануваат на спротивставени позиции за интеграциите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во ЕУ треба да влеземе достоинствени и со исполнети копенхашки критериуми, а не понижени со национални и идентитетски отстапки. Оттаму упатија и сериозно обвинување кон лидерот на СДСМ Филипче и експремиерот Заев – велат дека се уценети од бугарски политичари.
СДСМ одбројува. Уште 15 дена до моментот кога Мицкоски нема да ги исполни точките од Реформската агенда, обвинувајќи ја власта дека бара алиби за неуспехот што престои. Партијата остана на ставот дека Македонија не преговара со Бугарија, туку со ЕУ и дека уставните измени се единствен услов за продолжување на интегративниот пат.
„Мицкоски не сака да ја каже главната работа. Без измени на уставот, без малцинства во Уставот, нема ни 7, 8, ниту 9,5 или 10 исполнети. Нема ништо! Она што го крие е дека без малцинства во уставот нема поместување од мртва точка, нема продолжување на интеграциите, без разлика на исполнувањето на останатите точки од агендата“, велат од СДСМ.
Социјалдемократите тврдат дека измените во Изборниот законик, власта може да ги изгласа во парламентот исто како што ја укинале техничката влада. Остануваат на ставот за блокада на работната група во правда. Премиерот Мицкоски и шефот на дипломатијата Муцунски изминатите денови апелираа до опозиција да покаже разум во однос на реформската агенда, иако се убедени дека до крајниот рок, земјава ќе ги испорача сите 10 барања од Брисел.
Викторија Милевска
