свет

СЗО прогласи меѓународна вонредна состојба поради епидемијата на ебола во Конго и Уганда

17.05.2026 12:06

Генералниот директор на Светската здравствена организација Гебрејесус прогласи меѓународна вонредна состојба поради епидемијата на ебола во Конго и Уганда. Потврдени над 80 смртни случаи и повеќе од 300 сомнежи за зараза со овој опасен вирус...

Светската здравствена организација прогласи епидемија на ебола во Демократска Република Конго и Уганда и „Јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународен интерес“. Според СЗО, епидемијата не ги исполнува критериумите за пандемска вонредна состојба, но се предупредува дека земјите што делат копнени граници со Конго се изложени на висок ризик од понатамошно ширење. Во покраината Итури се пријавени најмалку 80 сомнителни смртни случаи, осум лабораториски потврдени случаи и 246 сомнителни случаи.

„Луѓето во заедниците велеа дека станува збор за вештерство или слични работи. Сега, кога нашите тимови ги следат случаите, сфаќаме дека првото лице се разболело кон крајот на април и починало на 24 април во Бунија, а телото било репатрирано во здравствената зона Мунгвалу. Враќањето на ова тело во здравствената зона Мунгвалу – која е рударска област со голема популација – предизвика ескалација на епидемијата на ебола“, изјави Самуел Роџер Камба Муламба, министер за здравство на Демократска Република Конго.

Во главниот град на Уганда, Кампала, се потврдени два случаи кај лица што патувале од Конго, од кои еден починал.

„Кога слушнав дека има ебола, се исплашив. Можете да замислите каква е еболата и несаканите ефекти што ги има. Тоа не е едноставна, тоа е смртоносна болест. Па, јас како државјанин на Уганда сум навистина исплашен и загрижен“, изјави Френсис Ангузу, жител на Кампала.

Африканскиот центар за контрола и превенција на болести е во преговори со вооружени групи за да обезбеди хуманитарен пристап до областите погодени од епидемијата.

„Ние сме таму за да го поддржиме населението. Веќе го правевме тоа во минатото и ова е нашиот пристап. Од наша страна, се грижиме да ги имаме сите алатки што можеме да ги понудиме. Од нивна страна, бараме разбирање за да ни се овозможи пристап за поддршка на луѓето“, изјави д-р Џин Касеја, генерален директор на африканскиот центар за контрола и превенција на болести.

Еболата се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразено лице и може да биде смртоносна. СЗО повикува на итна изолација на потврдените случаи, следење на контактите, засилена контрола во здравствените установи и координиран меѓународен одговор.

 

Катерина Бојаџиева