Влада

Мицкоски: Ликвидноста на државата не е доведена во прашање

17.05.2026 15:00

Ребалансот на Буџетот се крои, власта уверува – времињата се тешки, но ќе има пари за инвестиции, плати, пензии и социјални трансфери, како и за враќање стари долгови. Опозицијата критикува – ем фалат средства, ем банките ја губат довербата во државата...

Ликвидноста на државата не е доведена во прашање, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Економскиот удар од светската криза не е кај нас голем, но времињата се тешки вели шефот на македонската влада. Ќе направиме се да продолжат капиталните инвестиции кои до сега се некаде околу 230 милиони евра.

Има доволно за плати, за пензии, за социјални трансфери. Старите задолжувања кои се враќаат се околу три милијарди евра- изјави премиерот Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека снемува пари во Буџетот и дека Владата ја довела државата во сериозна финансиска состојба, а сето тоа вели, се должи на лошото менаџирање. Дефицитот расте, инфлацијата расте, огромна е разликата на приходната и на расходната страна вели Филипче. Доказ за ваквите тврдења, според лидерот на СДСМ е последното задолжување.

Македонија останува со најниски цени на горивата во регионот, рече Мицкоски, откако владата одлучи мерката за намалените ДДВ и акциза да продолжи до 1-ви јуни. Менаџирањето со најголемата глобална енергетска криза досега се покажува како успешно вели шефот на владата.

Миел А. Ристески