Ќе се гради експресен пат Кочани-Виница-Делчево
Стартува реализацијата на неколку капитални инфраструктурни проекти на истокот од државата најавувани со години. Деновиве Владата ќе објави повик за студија за експресниот пат од Кочани до границата со Бугарија, а ќе одбере и финансиер за доизградба на Клиничката болница...

Стартува реализацијата на долгонајавуваниот капитален проект за Источниот регион, изградба на експресен пат што ќе ги поврзува Кочани со Виница, Делчево и граничниот премин со Бугарија.
Неделава ќе биде распишан јавен повик на изработка на физибилити студија, потоа и проект за изградба на експресниот пат. За неколку месеци се планира да биде избран изведувач на градежните работи. Проектирањето на првата делница од Кочани до Виница е завршено и ќе се гради со сопствени средства. За останатиот дел од експресниот пат ќе се бара заем од финансиски институции. Паралелно се работи и на завршување на уште еден проект од минатото, граничниот премин Клепало.
За Штип и Источниот регион од големо значење е и доизградбата на новата Клиничка болница. Од Владата најавуваат покренување од мртва точка и за овој проект.
Славица Величковска
