Влада

Предлог-законот за игри на среќа ќе стави ред во општеството, вели премиерот Мицкоски

17.05.2026 16:25

Предлог-законот за игри на среќа, со кои коцкарниците треба да се тргнат на најмалку 500 метри подалеку од училиштата ќе стави ред во општеството и повеќе нема да дозволи државата да наликува на Лас Вегас, вели премиерот Мицкоски. За него биле очекувани негативните реакции од оние кои се вклучени во бизнисот, но, порача дека целта е да се заштитат граѓаните. Опозицијата, пак, критикува дека власта создава привид дека се справува со коцкарската индустрија...

„Не може државата да наликува на Лас Вегас“, порача премиерот Мицкоски, коментирајќи го новиот Предлог-закон за игри на среќа со кој се предвидуваат забрани за рекламирање, коцкарници на минимум 500 метри од училишта и засилена борба против нелегално онлајн коцкање. Шефот на Владата ги отфрли коментарите од засегнатите дека измените се носеле нетранспарентно, и не ги дели стравувањата за затворање на илјадници работни места. Воведуваме ред – порача Мицкоски на појава која уништува цели семејства.

Граѓаните кои ги анкетиравме го поддржуваат решението.

Здружението „Сакам да работам“ му одговори на премиерот – велат, постојниот Закон за игри на среќа е еден од најстрогите во регионот и пошироко. Оттаму негираа дека биле консултирани за Предлогот – предупредија дека ваквото решение ќе значи затворање на легалните објекти за игри на среќа, појава на диво коцкање, загуба на 350 милиони евра прилив во Буџетот и ризик за илјадници работни места. Дел од опозициските партии, пак, сметаат дека решението е премеко.

Со Предлог-законот се забранува рекламирање кое директно ги поттикнува граѓаните да учествуваат во игри на среќа.

Последната анализа на Институтот за јавно здравје, објавена во декември покажа дека 25% од учениците се коцкале во последните 12 месеци.

 

Ана Јосифоска