СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради ебола во Конго и Уганда
Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба по епидемијата на ебола предизвикана од редок вирус во Конго и соседна Уганда по повеќе од 300 сомнителни и 88 смртни случаи. Епидемијата не ги исполнува критериумите за пандемска вонредна состојба.

Светската здравствена организација прогласи глобална здравствена вонредна состојба поради ширење на ебола во Демократската Република Конго и во Уганда. Досега се регистрирани над 80 смртни и стотици сомнителни случаи.
„Вчера прогласив вонредна состојба за јавно здравје од меѓународна загриженост поради епидемијата на Ебола во Демократската Република Конго, која веќе се прошири во Уганда. Живееме во тешки, опасни и разорни времиња. Како што сите знаете, СЗО самата помина низ тежок период како резултат на ненадејните и стрмни намалувања на нашето финансирање“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација.
Речиси седум тони итни медицински материјали и 35 медицински експерти пристигнаа во покраината Итури во Конго. Основани се и центри за лекување, а десетици луѓе добиваат активна нега.
„Мерките што луѓето треба да ги следат за да ни помогнат да се бориме против оваа вирусна болест Ебола се главно: редовно миење раце, избегнување меѓусебно поздравување со ракување или прегратка, избегнување организирање церемонии со големи толпи или собири и пред сè избегнување допир со мртви тела. Телата треба да се преземат од обучен персонал кој може да изврши безбедни и сигурни погреби“, изјави д-р Ричард Фотсинг, менаџер за инциденти со ебола во СЗО.
И бунтовничката влада во Гома, источен град во Конго, водена од паравоената група М-23, потврди случај на Ебола. Заразеното лице допатувало од покраината Итури и во моментов е во изолација.
„Прво ќе го заштитиме населението во регионот што го управуваме и бараме од населението да си ја врши својата секојдневна работа. Нашата мисија е добро да управуваме со комуникацијата и да го информираме нашето население, да ја подигнеме нивната свест, да им дадеме превентивни мерки и бариерни мерки, практиките што мора да се почитуваат, а потоа ќе се погрижиме за сите сомнителни случаи и случаи што веќе се потврдени“, рече Бенџамин Мбонимпа, постојан секретар на М-23.
СЗО претходно предупреди дека епидемијата не ги исполнува критериумите за пандемска вонредна состојба и советуваше да не се затвораат меѓународните граници.
Катерина Бојаџиева
