Дигитална трансформација

Андоновски- Грикшас: Дигитализацијата е двигател на економскиот раст и модернизацијата

18.05.2026 18:41

Двајцата министри разговарале за литванското искуство во поврзувањето на иновациите, стартап-екосистемот, GovTech-решенијата и јавните политики како модел за забрзување на дигиталната трансформација.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во рамки на работната посета на Вилнус, оствари билатерална средба со министерот за економија и иновации на Литванија, Едвинас Грикшас, на која било разговарано за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, иновациите и развојот на дигиталната економија.

На средбата било истакнато дека дигитализацијата претставува клучен двигател на економскиот раст, зголемувањето на конкурентноста и модернизацијата на јавниот сектор. Двајцата министри разговарале за литванското искуство во поврзувањето на иновациите, стартап-екосистемот, GovTech-решенијата и јавните политики како модел за забрзување на дигиталната трансформација.

„Дигиталната трансформација ја гледаме како основа за економски раст, поконкурентни компании и поефикасни институции. Литванското искуство е особено значајно за Македонија, бидејќи отвора простор за конкретна соработка, размена на знаење и пилот-проекти што можат да дадат директни резултати за граѓаните и економијата“, истакнал Андоновски.

Посебен акцент бил ставен на поддршката на дигиталната економија, иновациските политики и развојот на технолошките компании, како и на можностите за билатерална соработка во областа на GovTech, развој на AI sandbox-модели и подготовка на пилот-проекти применливи во Македонија.

На средбата била предложена и техничка размена меѓу двете министерства, со фокус на иновациската политика, дигиталната економија и практичните решенија за дигитализација на јавниот сектор. Било посочено дека двете држави веќе соработуваат преку проектот GovTech4All и програмата „Дигитална Европа“.

Во рамки на посетата, Андоновски остварил средба и со министерот за надворешни работи на Литванија, Кештутис Будрис, на која ја нагласил важноста реформските чекори на Македонија во дигиталната агенда и јавната администрација да бидат препознаени во европските процеси и евроинтеграциите.